галерија контакт  
 
 
 

Историјат на хотелот

Хотелот Бисер е лоциран на 5км. од центарот на Струга во населеното место Калишта, надвор од урбаниот градски живот во идеално природно опкружување, кое во комбинација со манастирските конаци и црквите
Св. Богородица и Св. Петар како неделив дел од нашиот хотелски комплекс, ќе Ве исполнат со духовна хармонија, мир и спокојство.
Објектот е типичен примерок на старата македонска архитектура со тенденција националните архитектонски обележја да се задржат и во денешни услови и покрај притисокот на модерните трендови во ентериерното уредување.
Хотелот Бисер веќе 30 години ги дочекува своите гости со ширум отворени порти нудејќи им го своето гостопримство и создавајќи кај нив чувство на комфор, релаксација и задоволство.
Хотелот е пуштен во работа на 4 јули 1974год. со свечена церемонија на која присуствуваа тогашните највисоки претставници на државниот и црковниот живот во земјава.
Од тогаш па се до денес хотелот континуирано ги нуди своите услуги и се стреми кон подобрување на нивниот квалитет. За таа цел во 1988 год. извршена е доградба на 2 нови ката, а во наредните години (1994,1995, 1996) вршени се реновирања. Настојувањата за подобрување на квалитетот на услугите и ентериерното и интериерното уредување продолжуваат и денес што резултира со комплетно реновирање на ресторанскиот простор, хотелската тераса, диско-клубот и дел од сместувачките капацитети.
Хотелскиот комплекс ги следи во чекор барањата на конгресниот туризам заради што се врши континуирано инвестирање во модерни семинарски и конференциски сали и набавка на најсовремена опрема по светски стандарди.

ПРИРОДНИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА РЕГИОНОТ


Охридското Езеро се наоѓа на надморска висина од 695 метри, а зафаќа површина од 348 км2 со најголема измерена длабочина од 286 метри. Езерото се напојува со вода од многубројни извори вклучувајќи ги и надалеку познатите Билјанини извори и изворите кај манастирот Св. Наум. Особено карактеристичен е податокот дека Охридското Езеро црпи вода дури и од Преспанското Езеро со извори кои понираат преку планината Галичица која ги дели двете езера. Охридското Езеро е еден од најголемите природни биолошки резервати во Европа заради исклучително богатата флора и фауна и присуството на голем број ендемични видови карактристични само за него, заради Што е ставено под заштита на UNESCO.
Од Охридското Езеро истекува реката Црн Дрим која го дели градот на два дела, но истовремено и го поврзува преку многубројните мостови заради кои градот го носи епитетот- град на мостови. Со Црн Дрим започнува свадбеното патување на јагулите кои продолжуваат кон Саргаското Море каде се мрестат во близина на Бермудските Острови.
Климата во регионот е умерено-континентална со медитерански примеси заради влијанијата кои доаѓаат од Јадранското Море.
Бројот на сончевите часови е 2400 ч. годишно.
Водата во Охридското Езеро е најтопла во текот на август, кога во просек изнесува 23 степени, во јули 22.5 степени, додека средната годишна температура изнесува 12 степени.
Средната годишна температура на воздухот изнесува 11,5 степени, а средната летна температура 20,5.
Ваквите природни погодности на регионот во голема мера поволно влијаат врз човечкиот организам, заради што Охридското Езеро се јавува како погоден природен фактор за лекување на повеќе болести , а посебно на респираторните органи и нервниот систем, додека песокот помага при лекување на полесни реуматични заболувања.












 
 
2004 © Hotel Biser. All rights are reserved.